Се заострува реториката на Вашингтон кон Техеран и Пјонгјанг
Белата куќа повторно прави споредба меѓу Северна Кореја и Либија, а за Иран најави ригорозни санкции. За Европската унија, не постои алтернатива за Иранскиот нуклеарен договор. Странски новинари, со исклучок на јужнокорејски репортери, пристигнаа во Северна Кореја за да го следат уништувањето на нуклеарниот полигон...

Наместо решение, САД со жестока реторика кон глобалните нуклеарни сили Иран и Северна Кореја. Иранскиот претседател Рохани го осуди мешањето на Вашингтон во политиката на другите земји, а шефот на дипломатијата Џавад Зариф изрази незадоволство од најавените ригорозни санкции од САД. Неговиот американски колега Мајк Помпео нагласи дека се можни нови чекори само доколку Техеран се подготви за огромни промени.
„Претседателот Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор бидејќи не успеа да ја гарантира безбедноста на американскиот народ од ризикот. Нуклеарната спогодба не го дистанцираше Иран од амбициите за развој на нуклеарниот сектор и за регионалната хегемонија. Лидерите го искористија како почетна точка за нивниот марш низ Блискиот исток. Ние ќе наметнеме финансиски притисок врз режимот, серија најстроги санкции во историјата. Иран веќе никогаш нема да има „карт бланш“ да доминира на Блискиот Исток“, изјави амерканскиот државен секретар, Мајк Помпео.
По кусото затишје и оптимизмот за конечна разврска на спорот меѓу лидерите на САД и на Северна Кореја, играта се врати на почеток, пред сѐ, поради повторната споредба со т.н. „либиски модел“.
По советникот за национална безбедност Џон Болтон, неодамна и заменикот на Трамп, Мајк Пенс предупреди дека Северна Кореја може да заврши како Либија ако не склучи нуклеарен договор со Вашингтон. Официјален Пјонгјанг ги осуди коментарите од Белата куќа чијашто администрација веќе не е убедена дали воопшто ќе се случи средбата Ким-Трамп во Сингапур.
Во меѓувреме, група странски новинари пристигна во Северна Кореја за да го следат уништувањето на полигонот за нуклеарни проби, што би требало да биде направено кон крајот на неделата. Меѓу нив нема претставници од Јужна Кореја поради прекинатите односи меѓу Сеул и Пјонгјанг поради воените вежби со САД.
Маја Филдишев
