Тевдовски: Покачувањето на минималната плата дава резултати

22.05.2018 14:28

Зголемувањето на платите е предизвикано пред се од сериозниот раст кај работниците кои имаат најниски плати, во индустриите текстил, облека и кожа кои претходно неправедно имаа пониско ниво на минимална плата- вели министерот за финансии...

Платите во Македонија растат, просечната во март е зголемена за 5,6 проценти во однос на истиот период лани, изјави првиот финансиер Тевдовски. Во првото тримесечје зголемувањето е 4,9 насто. Тоа е резултат на зголемувањето на минималната плата, појасни Тевдовски.

Платите во Македонија растат, просечната плата во март годинава е зголемена за 5,6 проценти во однос на март 2017 година. Исто така, ако се погледнат првите три месеци за годинава во споредба со првите три месеци од претходната година растот е 4,9 проценти. Тоа е, пред се, заради една од првите мерки што ги донесовме за зголемување на минималната плата која што доведе околу 90 илјади работници во Македонија да имаат зголемени плати, изјави Тевдовски.

За нас, дополни тој, е важно што зголемувањето на платите е предизвикано пред се од сериозниот раст кај работниците кои имаат најниски плати, во индустриите текстил, облека и кожа кои претходно неправедно имаа пониско ниво на минимална плата.

Последниот извештај за платите покажува дека во овие три индустрии, за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март претходната година се движи некаде помеѓу 15 и 21 процент, наведе Тевдовски.