Ангеловска- Бежоска ја презеде функцијата, Богов со отчет за сработеното
По седум години менаџирање со монетaрната власт, Богов гувернерската функција ѝ ја предаде на Анита Ангеловска- Бежоска. Првата жена на оваа позиција во државата наследи стабилен девизен курс на денарот и ликвиден банкарски систем...

Со многу емоции, со голема благодарност до тимот и соработниците, по седум години менаџирање со монетраната власт Димитар Богов замина од Централната банка. Фунцијата ја предаде на Анита Ангеловска Бежоска- новиот гувернер на Народната Банка. Првата жена на оваа позиција која ќе управува со монетарната политика наследува стабилен курс на денарот и високо ликвиден банкарски сектор на кои како вицегувернер работеше во блискиот тим на нејзиниот претходник.
„Јас како негов близок соработник, дел од неговиот тим, учествував и имав задоволство да соработувам и во тие моменти кои беа критични и клучни, низ силниот институционален капацитет на Централната банка успеавме да спроведуваме независна, адекватна монетарна политика која резултираше во задржување на макроекономската стабилност, а со тоа даде и клучен придонес кон растот на нашата економија“- изјави Ангеловска- Бежоска.
Во отчетот за сработеното, Богов оцени клучните цели на банката се постигнати, девизниот курс на денарот во однос на еврото е на стабилно ниво и после двата силни шока, грчката должничка криза и внатрешниот политички ризик, банкарскиот систем расте, каматната стапка се спушти на три проценти, активата на депозитите е зголемена за 55 насто во однос на пред седум години.
„Денарот воопшто не изгуби од конкурентноста во однос на еврото, односно, немавме во овој период некоја апрецијација на денарот, токму поради тоа што инфлацијата се одржуваше на слично ниво како и во еврозоната. За седум години беше остварен раст на вкупната актива на банките, депозитите и кредитите од околу 50 проценти. Во просек годишниот раст на кредитите изнесуваше околу седум проценти. Депозитите имаа вкупен раст од 55 проценти“, посочи досегашниот гувернер Димитар Богов.
Со став дека сѐ се случило многу брзо, Богов посочи дека сѐ уште не знае каде ќе ја продолжи кариерата. Неговиот наследник Ангеловска- Бежоска во првата изјава за медиумите им заблагодари и на претседателот Иванов за номинацијата, и на политичките партии за консензус подршката. Пред неа стои предизивикот за спроведување на успешна и независна монетарна политика, но и значајните пресврти што може да ги донесат преговорите за членство во Унијата и во НАТО.
„Пред мене стои предизвикот за продолжување со спроведување на успешна и независна монетарна политика, во насока на остварување на законски гарантираните цели на Централната банка, а тоа се ценовната стабилност, за којашто сметаме дека е и најдобриот придонес којшто може да го даде во општеството и тоа преку стратегијата на одржување на стабилен девизен курс на денарот. Одржување на банкарската стабилност, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително одржување на општите економски политики во нашата економија“, нагласи Ангеловска- Бежоска, гувернер на НБРМ.
Бежоска осум години беше вицегуверенр во Народната банка. Пред три години докторирала на Економскиот факултет во Љубљана. Има 19 годишно искуство во областа на монетарната, макроекономската политика и управувањето со јавни финансии.
Сузана Фиданска- Стоевска
