Од ноември рестартирање на „Југохром“

22.05.2018 16:27

Во Владата средба на Синдикатот на комбинатот „Југохром“ со вицепремиерот за економски прашања Анѓушев. Постигнат договор- од ноември рестартирање на печките на фабриката, Владата ќе помогне финансиски...

За 4- 5 месеци ќе проработи комбинатот „Југохром- Алзар“ од Јегуновце, а услов е пред тоа да биде изградена и ставена во целосна функција филтер станицата. Двете печки ќе ги задоволуваат најстрогите еколошки стандарди, односно комбинатот ќе добие интегрирана А- еколошка дозвола за работа. На средбата во Владата, на менаџментот и на Синдикатот со вицепремиерот Кочо Анѓушев, биле надминати предизвиците поради кои била забавена градбата на филтер станицата.

„Со Владата сме сосема блиску до решение кое ќе биде „вин-вин“ ситуација и за фабриката и за граѓаните на Тетово. Кон крајот на октомври или почетокот на ноември „Југохром“ ќе биде во производствена кондиција на печките 7 и 8 на кои ќе бидат поставени филтрите“, изјави Васко Скендеровски, генерален директор на „Југохром- Алзар“.

Според Скендеровски вредноста на инвестицијата изнесува 4 милиони и 170 илјади евра, а менаџментот досега инвестирал во неа 800 илјади евра. Владата најавила дека преку Македонската банка за поддршка на развојот ќе бидат обезбедени средства во форма на заем, за да продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување и комбинатот да се рестартира. Според Синдикатот со ова практично Југохром излегува од ќорсокакот и од финансиските проблеми.

Владата како Влада реши, донесе одлука да ни помогне. Сметам дека со нивна помош „Југохром“ дефинитивно ќе го реши проблемот и за кратко време ќе го изгради системот за отпрашување. Како Синдикат нормално нашата цел е луѓето да се вратат на работа и се надеваме дека за кратко време ќе биде реализирано ова“, изјави Бајрам Амити, претседател на Синдикатот во „Југохром- Алзар“.

Во октомви 2017-та Владата, менаџментот и Синдикатот на „Југохром“ потпишаа меморандум, а секоја страна се обврза во најкраток рок да го реализира својот дел од преземените обврски. Во меѓувреме работно се ангажирани само 70 вработени, а македонскиот БДП е намален за околу 1 %, затоа што извозот од Јегуновце годишно надминува 80 милиони долари.

Градбата на филтер станицата бавно напредува, работниците седат дома без работа и без плата и повремено протестираат. Берзанската цена на феросилициумот во моментов е двојно повисока од производствената, а државата губи сериозен прилив на средства во касата за даноци, а фондовите за придонеси.

Свето Николовски