Продолжен рокот за поднесување барања за субвенции
Земјоделците добија дополнителни денови за пријавување на субвенциите. Наместо до 16-ти мај, барањата можат да ги доставуваат до 12-ти јуни. Продолжувањето на рокот според ресорното министерство нема да влијае на динамиката на исплатата на парите.

По барање на сточарите и на лозарите рокот за поднесувањ барања за субвенции наместо до 16-ти мај, е продолжен до 12-ти јуни 2018-та година.
Сточарите и ветеринарните претходно се изјаснија дека нема да имаат време да ја ажурираат бројната состојба на животните во регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство, што е услов за поднесување барања за субвенции. Продолжување на рокот бараа и производителите на лозови калеми, кои сметаат дека им треаба дополнително време за целосно да ја подготват документацијата за субвенции за произведени и продадени лозови калеми.
Ова ќе важи за сите земјоделски гранки, а продолжувањето на роковите нема да влијае врз динамиката на исплата на субвенциите, велат од ресорното Министерство.
Барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно, од страна на барателите.
Доколку имаат потреба за помош при пополнување на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството.
Методија Трајков
