Во Кривичен суд рочишта за предметите „Монструм“ и „Траекторија“
На рочиштето за „Монструм“ исказ пред судот треба да дадат двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12-ти април 2012-та година.

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат рочишта и за предметите на СЈО „Монструм“ и „Траекторија“.
На рочиштето за „Монструм“ исказ пред судот треба да дадат двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12-ти април 2012-та година. На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кој во судница беше донесен од затворот во Штип, каде што отслужува казна затвор за друго кривично дело. Исмаиловиќ и Азири пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за овој случај.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се четири службени лица - поранешни високи владини функционери. Тие се осомничени дека во втората половина на 2012-та година и во текот на 2013-та година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
