Помпео: САД и натаму работат на самитот со Северна Кореја
По средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот јужнокорејски колега Мун Џае-Ин, Помпео рече дека средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун во Сингапур е можно да биде одложена.

САД и натаму работат на тоа историскиот самит со Северна Кореја да се одржи на 12 јуни, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео. По средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот јужнокорејски колега Мун Џае-Ин, Помпео рече дека средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун во Сингапур е можно да биде одложена.
Додаде дека Стејт Департментот и Белата Куќа и натаму работат на тоа да се „целосно подготвени“ за Самитот, со истите цели - денуклеаризација на Северна Кореја и создавање услови за таа земја веќе да не биде закана за светот.
Претходно, Трамп изјави дека подготовките за негова средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун продолжуваат, но таа сепак може да биде одложена или откажана, ако не бидат исполнети некои услови.
