Oбвинение против 13 лица за вооружениот инцидент во Мала Речица
Надлежен јавен обвинител до Основниот суд- Тетово предложи на тројцата обвинети, кои се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив.

Основното Јавно обвинителство- Тетово поднесе обвинение против 13 лица за учество во вооружениот инцидент во Мала Речица, што се случи на 5-ти април годинава, во кој едно лице го загуби животот, а неколкумина беа повредени.
Против четири лица е поднесен обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор, со кој едно лице се товари за кривични дела „убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од Кривичниот законик. Три лица се товарат за кривични дела „убиство во обид“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
Надлежен јавен обвинител до Основниот суд- Тетово предложи на тројцата обвинети, кои се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив.
Против останатите деветмина надлежното обвинителство поднесе обвинителен предлог со кој сите се товарат за кривично дело „учество во тепачка“ од Кривичниот законик.
