Ким Јонг Ун го уништува нуклеарниот погон
Северна Кореја им дозволи на медиумите да присуствуваат на уништувањето на полигонот за нуклеарни тестирања во Пунгје- Ри. Досега на оваа локација беа извршени шест нуклеарни проби. Најавениот самит САД- Северна Кореаја сѐ уште е под прашање, поради заедничките американско- јужнокорејски воени вежби...

Северна Кореја во последен момент им дозволи на новинарите од нивниот јужен сосед да и се придружат на малата група одбрани странски новинари кои ќе присуствуваат на уништувањето на полигонот за нуклеарни тестирања. Целата постапка се очекува да трае до петок. Јужнокорејскиот министер за обединување објави дека Пјонгјанг дополнително го одобрил учеството на новинари од Сеул, на кои им била дадена дозвола уште веднаш по состанокот на американскиот и на јужнокорејскиот претседател, Трамп и Мун Џае Ин во Вашингтон.
„Јужнокорејската влада го информираше Пјонгјанг за имињата на осумтемина новинари кои ќе заминат во Северна Кореја да го покриваат демонтирањето на нуклеарниот погон Пунгје-Ри. Нашата Влада ја поздравува одлуката нашите медиуми да учествуваат во настанот и се надева дека со демонтирањето ќе почне целосната денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“- изјави Баик Тае-Хјун, портпарол на Министерството за унифицирање на Јужна Кореја.
Пјонгјанг минатиот месец најави дека ќе го демонтира полигонот Пунгје-Ри на североистокот од земјата, одлука што беше поздравена од Вашингтон и од Сеул, пред најавениот самит Северна Кореја – САД.
На спорниот полигон Северна Кореја спроведе шест нуклеарни проби. Последната, која беше и насилна, беше изведена во септември минатата година со хидрогенска бомба.
Самитот САД- Северна Кореја кој се очекува да се одржи во јуни би можел да пружи историска шанса за мир на Корејскиот Полуостров. Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД и натаму работат на тоа историскиот самит да се одржи на 12-ти јуни, но и дека е можно средбата во Сингапур да биде одложена.
Во меѓувреме, портпаролот на јужнокорејскиот претседател изјави дека разговорите меѓу Јужна и Северна Кореја кои Пјонгјанг ги откажа во знак на протест поради воените вежби на Сеул и Вашингтон, најверојатно ќе продолжат по 25-ти мај.
Марина Ристова
