Случај „Тенк“: Две години затвор за Груевски, шест години и шест месеци за Поповски
Груевски не присуствуваше на денешното рочиште. Обвинетиот во завршниот збор наведе дека овие судски процеси се класично политички и ова судење е дел од една политичка хајка против него и неговите соработници.
Две години затвор за екс- премиерот Никола Груевски за примање награда и противзаконито влијание во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот Мерцедес, и шест години и шест месеци за поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, за злоупотреба на службената должност и овластување. Пресудата предмалку ја изрече судијката Добрила Кацарска.
„Чест е да се биде носител на јавна функција премиер и да им служи на граѓаните. Еден од основните принципи на функцијата премиер е принципот на отчетност. Народот мора да знае како се трошат нивните пари и граѓаните не смеат да се понижуваат, а Груевски со набавката на мерцедесот го сторил тоа и глумел дека ќе се вози во стар автомобил пред народот“, рече судијката Кацарска при соопштувањето на пресудата.
Груевски не присуствуваше на денешното рочиште. Обвинетиот во завршниот збор наведе дека овие судски процеси се класично политички и ова судење е дел од една политичка хајка против него и неговите соработници.
Обвинетиот Поповски вчера, пак, беше осуден на деветгодишна затворска казна за случајот „Триста“, а му беше одредена и мерката притвор поради опасност од бегство.
Во случајот „Тенк“ на СЈО за набавка на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.
