Градежништво

Намалени инвестициите во градежниот сектор

23.05.2018 14:39

Инвестициите во градежниот сектор се намалуваат, предупреди ресорната комора при ССК. Во март се издадени за 45 проценти помалку одобренија за градба...

Инвестициите во градежниот сектор се намалуваат, предупреди ресорната комора при ССК. Оттаму посочуваат дека во март годинава се издадени за 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани.

Компаниите како главни пречки за развој на дејноста ги посочуваат непочитувањето на временскиот рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење во некои општини.

„Од вкупниот број на вработени во Република Македонија до 10 проценти отпаѓа на градежниот сектор. Од вкупниот БДП, до 10 проценти отпаѓа на градежниот сектор. Не е возможно ако не функционира градежниот сектор ние да разговараме за економски раст“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССК.

Градежниците бараат Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти.

„Моментално пазарот не може да издржи покачување на цената, доколку се качи ДДВ-то ние немаме простор да го апсорбираме тоа на своја сметка, тоа значи дека ќе треба да се качат цените на становите. Ако се качат цените, дефинитивно ќе се намали обемот на продажба“, рече Зоран Азманов, потпретседател на Градежната комора при ССК.

Од Градежната комора велат и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите, а според бизнисмените, негативно се одразуваат и најавите за поништување на деталните урбанистички планови.

 

Александра Спировска