Нова фабрика за производство на фотоволтаични панели
Нова фабрика, домашна инвестиција за производство на фотоволтаични и фототермални панели според светски стандарди. Менаџментот проектира на годишно ниво производството од 20 мегавати. Планирани се инвестиции од пет милиони евра...

Почна да работи првата фабрика за изработка на фотоволтаични соларни и термални панели. Домашна инвестиција на 1.500 квадрати со годишен капацитет од 20 мегавати производство на монокристални и поликристални соларни модули. Менаџментот на „Пиксел груп“ најави пет милиони евра инвестиција во првата година.
„Ако во Македонија досега се инсталирани 18 мегавати за последните 10 години, ние во Пиксел сме во можност без проблем да произведеме 20 мегавати за една година. Доколку пазарот побара повеќе, со мала интервенција за максимум три месеци можеме да го удвоиме капацитетот на 40 мегавати годишно“, рече Горан Паунов, генерален директор на „Пиксел Груп“.
Од Владата велат, енергетските политики ги насочуваат кон искористување на природните потенцијали, а со новиот Закон за енергетика се отвораат нови можности, секое домаќинство да инсталира сопствена фотоволтаична централа, директно да произведува и користи електрична и топлинска енергија од сонцето за свои потреби.
„Определба на Владата е во енергетските политики да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и да ги искористиме сите капацитети и природни потенцијали што ги имаме на располагање, Очекувам и понатаму да ја промовирате Македонија на мапата на светот како земја на вредни и креативни луѓе кои може да продуцираат на иновации“, изјави премиерот Зоран Заев.
На отворање на новиот производствен капацитет газдите ги посочија првите деловни зделки и нарачки на македонските фотоволтаични панели направени од домашни реномирани компании. Во фабриката има 20 вработени, проектирано е зависно од потребите, бројот на тимот да се зголемува.
Сузана Фиданска- Стоевска
