НБРМ: 1,8 милиони платежни картички во земјава

28.05.2018 11:11

Во Македонија циркулираат 1 милион и 800 илјади платежни картички, покажуваат последните податоци на Народна банка. Сепак, сѐ уште најмногу се користат за подигнување готовина, иако се зголемува и тргувањето преку интернет...

Централната банка соопшти дека во земјава на крајот на минатата година, циркулирале 1 милион и 800 илјади платежни картички. Бројот на контактно-бесконтактни картички се зголемил речиси двојно и во вкупниот број картички учествува со над 27 насто.

Според Народна банка, четири петини, односно 79% од картичките се дебитни, а остатокот 21% се кредитни. За жал, најголем дел од трансакциите со дебитните катички во земјава бил реализиран преку банкомати за повлекување кеш, наместо за безготовинско плаќање преку пос терминали во трговијата.

Со домашни платежни картички лани во земјава биле направени транскации вредни 2,9 милијарди евра. Истовремено странските туристи кај нас плаќајќи со картички оставиле 321 милион евра, додека македонските граѓани надвор од земјава потрошиле 217 милиони.

Што се однесува до купувањето преку интернет, во членките на ЕУ 57% од населението го користеле овој начин на тргување, додека во земјава тој процент достигнува 15, што е четири пати под просекот на Унијата. Анализата покажала дека најмногу купуваат најмладите, до возраст од 24 години кои што реализирале три четвртини од сите плаќања. Најмногу се купувале облека и спортска опрема, се плаќале патувања и хотелски аранжмани, а потоа следуваат производите за домаќинство и електронската опрема.

Најмногу се нарачувало од странски интернет страници, во 76% случаи надвор од ЕУ, а само третина од македонските купувачи нарачувале од домашни интернет трговци.

 

Свето Николовски