Трамп: Северна Кореја ќе биде голема економска сила
Самитот меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг Ун сепак е можен. Американскиот претседател прво го откажа па сега се премислува. Потврди дека делегација на САД пристигнала во Северна Кореја за да се договори средбата. Северна Кореја има брилијантен потенцијал. Еден ден ќе биде голема економска и финансиска нација- напиша Трамп на Твитер...

Претседателот Трамп потврди дека американски тим пристигнал во Северна Кореја, за да ги изврши потребните подготовки за самитот во Сингапур на 12-ти јуни, на кој треба да се сретнат американскиот претседател и севернокорејскиот лидер. Северна Кореја има брилијантен потенцијал и еден ден ќе биде голема економска и финансиска сила, напиша Трамп на „Твитер“.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс најави дека американски тим бил испратен и во Сингапур, каде ќе се организира самитот.
Американскиот претседател пред само неколку дена го откажа самитот поради острите изјави од Северна Кореја, но ситуацијата се смени кон крајот на неделата, кога Пјонгјанг, по разговорите со Сеул, повторно изрази желба за одржување на самитот, а севернокорејскиот лидер ја потврди посветеноста да се сретне со Трамп. Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин изјави дека состанокот мора да се одржи, додавајќи дека не треба да се прекине патот за денуклеаризација и постојан мир на Корејскиот Полуостров.
Мун призна дека Пјонгјанг и Вашингтон може да имаат различни очекувања за тоа што значи денуклеаризацијата. Официјални лица од Јужна Кореја изјавија дека претседателот Мун би можел да присуствува на средбата на лидерите на Северна Кореја и на САД, и дека неговото присуство зависи од напредокот во разговорите за самитот.
Американски официјални лица се скептични дека Ким некогаш целосно ќе се откаже од својот нуклеарен арсенал, а Мун соопшти дека Северна Кореја сé уште не е убедена дека може да им верува на безбедносните гаранции дадени од страна на САД.
Историскиот состанок што треба да се одржи на 12-ти јуни во Сингапур би бил прва средба на лидерите на двете земји.
Марина Ристова
