Крим: „Русијо спаси не!“

26.02.2014 14:31

Додека во Киев ситуацијата се смирува, на југ протести против „бандитите што се обидуваат да состават нова влада“...

„Русијо спаси не“ е повикот што се слуша од Крим. Додека во Киев ситуацијата се смирува, на југ протести против „бандитите што се обидуваат да состават нова влада“. Проруски демонстранти го блокираа парламентот во Севастопол, каде што вчера, две руски оклопни возила се појавија на улиците непосредно откако ве-де претседателот Турчинов го свика Советот за национална безбедност поради опасност од сепаратизам. Во Москва е формиран посебен комитет за украинската криза.

„Ситуацијата во Украина наликува на арапската пролет, а екстремистите станаа нејзин водечки дел. Главната разлика меѓу истокот и југот е тоа што југот не е за побегнатиот Јанукович, туку против радикалната закана, изјави Михаил Маргелов“, Комитет за надворешни равботи на Русија.

Радикални зборови и во руската Дума - „Треба ли стотици илјади Руси да умрат во Украина бидејќи ние одолговлекуваме“, праша Владимир Федоткин од Комунистичката партија. Во меѓувреме, во прозападниот Лавов денес цел ден се зборува руски, во знак на солидарност со руските сограѓани, чијшто јазик го изгуби статусот на регионален со укинување на државниот закон за јазици.

„Русија не употребува сирова сила за да влијае во Украина, за да ја прекрши нејзината независност или да и одземе територија. Истовремено, Русија ќе им помогне на своите сонародници ако се најдат во опасност“, вели Сергеј Аксионов, лидер на Руско единство.

Во Киев, привремените власти тврдат дека ќе ги сочуваат добрососедските односи со Русија. Привремениот претседател Турчинов ја презеде командата над вооружените сили и потпиша закон за непрогонување на мирните демонстранти. Ве-де министерот за внатрешни Аваков ја распушти омразената елитна единица Беркут. Распишана е потерница против Јанукович по обвиненија за убиства, но нема да може да му суди Хашкиот трибунал. Вечерва на Мајданот собрание на демонстрантите ќе го предложи составот на новата влада што Врховната Рада треба да ја прогласи утре.

 

Ивана Салтировска