Поранешен директор на ММФ ќе ја спасува Италија

29.05.2018 12:50

Италијанскиот претседател Серџо Матарела му додели мандат на поранешниот директор во ММФ, Карло Котарели, за формирање преодна Влада. Најавата за предвремени избори ја разбрани и берзата поради можноста од референдум за членството на Италија во Еврозоната...

Италија пред предвремени избори по одлуката на претседателот Серџо Матарела за именување на поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд, Карло Котарели за преоден премиер чијшто приоритет ќе биде подготовката за новото гласање и за државниот буџет. Новата изборна битка веројатно ќе се води околу улогата на ЕУ и Еврозоната. Поради мнозинството на партиите „Пет ѕвезди“, „Лига“ и „Форца“ на екс-премиерот Силвио Берлускони, неизвесна е поддршката за Котарели, којшто беше познат по прекарот „ножички“ поради кратењето на јавните трошоци.

„Во Парламентот ќе претставам програма која, ако ја добијам довербата, ќе вклучува и државен буџет за 2019 година. Штом биде усвоен, парламентот ќе може да се распушти, а изборите ќе бидат во почетокот на 2019 година. Ако не ја добијам довербата, владата веднаш ќе поднесе оставка и до есен ќе врши технички работи“, рече Котарели.

Политичката криза во четвртата најголема економија во Еврозоната почна со неуспехот на партиите да состават мнозинство по гласањето во март, а кулминираше откако Матарела не го призна предложениот министер за финансии, евроскептикот Паоло Савона во популистичко-десничарската влада na Џузепе Конте. „Лига“ и„5 ѕвезди“ револтирани , од како што велат, своеволното и противуставното дејствување на Матарела.

„Бевме само на неколку чекори до формирање на влада. Запрени сме зашто имавме министер кој е критички настроен кон ЕУ. Уставната криза ќе ja префрлите во парламетот со активирање на Член 90 на Уставот за одговорност на претседателот“, изјави Луиџи Ди Мајо, лидер на „5 ѕвезди“.

„Откако ќе минат лутината и разочарувањето, се враќаме уште порешителни, и со повеќе гласови од минатиот пат. Ќе формираме влада со истите личности кои овој пат добија вето. Мора да знаеме дали владата ќе биде со одлука на Брисел, Берлин и Париз. Правилата на Европската унија треба да се сменат, инаку е бесмислено да сме во неа“, изјави Матео Салвини, лидер на „Лига“.

За разлика од нив, според граѓаните, одлуката на претседателот е логична.

„Јас сум проевропски човек, верувам дека Италија е поврзана со Унијата, и тоа е добро за иднината. Имам син кој мора да патува во светот, убедена сум дека антиевропскиот министер не е соодветен избор.“

„Партиите имаа доволно време да се договорат, имаа изборна кампања во која можеа да ги објаснат политиките кои не опфаќаа излез од еврото. Претседателот сфати дека работите не одат во посакуваната насока и го примени уставното право“- велат граѓаните.

Според законот, претседателот има право на вето при составување на влада. Неговата улога е церемонијална, но со овластувањето да именува влада и да распушта парламент, шефот на државата во случај на криза често има пресудна улога.

Маја Филдишев