Раст на цената на горивата

Повисоките цени на горивата го прават транспортниот бизнис неконкурентен

29.05.2018 14:47

Горивата удираат по џебот. Новите и повисоки цени го прават транспортниот бизнис неконкурентен. Граѓаните негодуваат, во Владата велат- светски тренд, парите се пренасочуваат кон корисни цели...

Транспортниот сектор на удар по поскапувањето на горивата. Камионџиите велат дека стануваат неконкурентни. Бараат да се воведат одредби во Законот за акциза за враќање на дел од средствата и од други европски држави.

 „Фактот што се предвидува дека цената на горивата на светско ниво ќе расте е погубно за сите превозници кои се надвор од ЕУ, бидејќи сме во подредена позиција заради неможноста да враќаме дел од акцизата, што е случај во земјите- членки на ЕУ, а и Србија и Босна и Херцеговина ги имаат тие одредби“, вели Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Граѓаните стравуваат од бранот поскапувања на горивата, бидејќи сметаат дека тоа ќе повлече раст на цените и на други производи со што ќе им се загрози стандардот.

„Цената е висока, меѓутоа нашиот народ си има навика да си вози, и пак ќе си вози.“

„Не е само бензинот, тоа повлекува и раст на цените и на други работи. Ќе видиме, дај Боже да е добро“- велат граѓаните што ги анкетиравме.

Трговците со нафтени деривати објаснуваат дека растот на цената е резултат на континуираното зголемување на светските берзи и на еднократното зголемување на акцизата. Сметаат дека за две недели ќе дојде до поевтинување.

„Од вчера на берзата падна брент нафтата за 5- 6 долари, ако продолжи вака или ако остане на оваа цена, следните 14 дена горивото ќе падне од 2 до 3 денари. Секаде растат цените, во сите соседни држави, не е само кај нас“, изјави Мите Јовановски, сопственик на бензински пумпи.

Владата останува на ставот дека дизелот во земјава е меѓу најевтините во регионот. Според вицепремиерот Анѓушев, парите од акцизата се употребуваат за корисни работи за граѓаните.

 

Дијана Ценевска