Поддршка

3,4 милиони евра за формирање бизнис акцелератори

29.05.2018 16:28

Државата со 3,4 милиони евра ќе помага формирање акцелератори каде младите ќе отвораат сопствени бизниси...

Со нова финансиска инјекција од државната каса ќе се стимулира формирање акцелератори, а во нив отворање сопствен бизнис на млади претприемачи. Со 3,4 милиони во форма на грантови ќе се поддржува креирање брзорастечки бизнис. Од Владата очекуваат факултетите, локалната самоуправа и компании да достават проекти. 75 насто ќе бидат парично поддржани, 25 проценти од инвестицијата ќе треба сами да ја обезбедат. За успешните старт- апи проектирани се дополнителни пари, велат од Фондот за иновации.

„Се очекува од предвидените 3,4 милиони евра заедно со вложувањата од корисниците да се генерираат најмалку 5,5 милиони евра. Целта е да се поддржи креирање брзорастечки бизниси и да се поттикне создавање високо платени работни места со плати од 30.000 до 100.000 денари“, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации.

80 насто од парите ќе завршат кај старт-ап компании, а само 20 проценти од средствата кај креаторот и менаџерот на бизнисот. Очекуваат формирање на најмалку четири акцелератори што би добиле по половина милион евра.

„Првпат во државава се поддржува формирање акцелератор. Не е доблест да се работи само во администрација и државна компанија и голема среќа да се формира своја фирма. Ова е важна мерка, многу млади луѓе да останат во државава, да ја препознаат како поддршка за нивните идеи и да биде стимул за формирање многу успешни компании“, вели Кочо Анѓушев, вицепремир за економски парашња.

За нова технологија и опрема со која ќе ја подобрат конкурентноста, од Фоднот за иновации 3,4 милиони евра се насочуваат и кон фирмите во кластерите или коморите. За технолошка експанзија на сродни бизниси може да добијат 50 насто од инвестицијата. Парите се дел од заемот тежок 9,5 милиони евра од Светската банка.

Сузана Фиданска- Стоевска