Заев: Сѐ уште нема договор за името, решението е на повидок
Премиерот Заев не ја открива одредницата за името. Потенцира дека никогаш не сме биле поблиску до решение. Не се загрозени македонскиот јазик и идентитетот. Последниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум. На средбата со Ципрас ќе се договара правната рамка и термините за спроведување на договорот. Градиме општество без поделби, рече шефот на Владата на отчетот од сработеното за една година...

Сѐ уште нема конечен договор за името. Се разговара за принципите и начелата на решението- изјави премиерот Заев. Најави нова средба со Ципрас. Вели- разговорите продолжуваат, а македонскиот јазик и идентитот се потврдени. Неговата оценка е дека двете земји никогаш не биле толку блиску до конечно решение. Со заокружување на ова прашање, изјави претседателот на Владата, Македонија ќе добие покана за НАТО.
„Чесно е да се разговара, освен за правно формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Знаете дека во Македонија сите стоиме позади референдум. Ако ние стоиме позади референдум, а Грција има за тоа разбирање, ред е- логично да бидат поставени чекорите на спроведувањето на евентуалниот договор“, нагласи премиерот Заев.
Шефот на македонската дипломатија ќе го информира претседателот Иванов за последните средби во Њујорки и во Брисел. Еднаш затвореното билатерално прашање го трасира патот и кон Унијата. Чистата препорака на ЕК оди во корист на земјава од која се очекува да постигне договор за името и да ги спроведува реформите – рече Заев коментирајќи дека нон пејперот за кој пишуваа медиумите ги рефлектира ставовите на Франција и на Холандија кои имаат резервиран став кон проширувањето, затоа што и самите сметаат дека на Унијата ѝ требаат реформи.
„Македонија не чека одлука за полноправно членство. Македонија чека одлука за добивање на датум за почеток на преговорите. Македонија може паралелно да преговара со ЕУ, додека ЕУ паралелно се реформира и унапредува и ќе биде секако заедница во којашто сите наши граѓани на Македонија, но и на ЕУ ќе имаат уште поквалитетен живот“, рече премиерот Заев.
Владата гради едно општество за сите и без поделби, тоа го гарантира новиот Закон за јазиците, потенцира Заев во отчетот. Повисоки плати и пензии, намалени цени на лековите, раст на економијата, странски инвестиции. За една година поволности и за младите земјоделци, 800 километри патна инфраструктура, решен статус на 5 илјади стечајци.
Првата реконструкција на владиниот кабинет ќе се случи во петок. Премиерот до Собранието ги достави персоналните решенија.
Анита Димитријевска
