САД

Трамп во засилена кампања пред ноемвриските избори во Сенатот

30.05.2018 12:27

Американскиот претседател Доналд Трамп во засилена кампања пред ноемвриските избори во Сенатот. Бегалскиот бран од Мексико, економските реформи и руското мешање во последната трка за Белата куќа се дел од темите коишто ги коментираше пред поддржувачите во Нешвил. Администрацијата од официјален Вашингтон во интензнивни подготвовки за јунскиот самит со Ким Јонг- Ун.

Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието e против идејата на aмериканскиот колега Доналд Трамп за финансирање на граничниот ѕид. На својата трета посета на Нешвил, Трамп промовираше неколку сегменти од кампањата „Да ја направиме Америка повторно голема“. Борбата против илегалните мигранти и натаму е приоритет на политичката агенда на Белата куќа. Мексико го обвини за пасивен однос кон недокументираните дојденци на територијата на САД, а демократите - за поддржување на насилството од мигрантско-бегалските банди врз американските граѓани. Трамп ги повика републиканските гласачи да излезат на ноемвриските избори за да не ја ризикуваат безбедноста на земјата. Сенаторската трка може да го смени мнозинството од 51-49 на републиканците во ова тело.

„На крајот, Мексико ќе плати за ѕидот. Тие не прават ништо за да ги запрат луѓето од Мексико, Хондурас и други држави илегално да влезат во САД. Не работат ништо за да ни помогнат. Ним не им е потребен ѕидот, сакаат отворени граници. Позаинтересирани се за криминалците отколку за вас. Ако сакате безбедни заедници, училишта, држава, избркајте ги демократите. Тие се против секоја разумна мерка којашто е потребна за прекин на овој невиден криминал“, изјави претседателот Трамп.

Во меѓувреме, во САД допатува поранешниот шеф на севернокорејската известувачка служба Ким Јонг-чол во рамките на подготвителните разговори за планираната средба меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг – Ун.

Активно се подготвуваме за самитот на 12 јуни во Сингапур. Претседателот Трамп ќе има средба со премиерот на Јапонија во Белата куќа. Државниот секретар Мајк Помпео е дел од средбите, вклучувајќи ги и разговорите со Јонг-чол. Исто така, наша делегација е на средби со севернокорејските претставници во демилитаризираната зона“, рече Хедер Науерт, портпарол на Стејт департмент.

И покрај засилениот ангажман од двете страни, дел од разузнавачките служби предупредуваат на неколку отворени прашања. Според новиот извештај на ЦИА, Северна Кореја не планирала наскоро да се откаже од нуклеарното оружје, а Пјогнјанг, во знак на добра волја и отвореност кон странските инвестиции, бил подготвен на договор за франшиза со компанија од западната прехранбена индустрија. Стејт департментот процени дека во камповите во оваа земја се уште има околу 100 илјади затвореници.

Маја Филдишев