Руски новинар застрелан в грб во Киев
Украина ја обвини Русија за убиство на новинарот и критичар на Кремљ, Аркадиј Бабченко. Москва демантира вмешаност. Рускиот новинар и писател, кој живееше во егзил во Украина, бил застрелан од непознати лица пред неговиот стан во Киев...

41-годишниот руски новинар Аркадиј Бабченко бил застрелан во Киев. Според пишувањата на западните медиуми, 41-годишниот Бабченко бил остар критичар на Кремљ, а според Асошиетед прес некои негови текстови наидувале на осуда кај голем број Руси. Во еден од текстовите напишал и дека не му е жал за членовите на рускиот воен хор „Александров“ и за останатите политичари кои загинаа кога авион „Тупољев – ту 54“ се урна во Црното Море на лет од Сочи во Сирија во декември 2016 година. Го критикувал припојувањето на Крим кон Русија, поддршката на Русија за проруските сили во Украина и руските акции во Сирија.
Украинскиот премиер Владимир Гројсман ја обвини Русија дека стои зад убиството. Рускиот министер за надворешни работи, пак, Сергеј лавров ги отрфли обвинувањата нарекувајќи ги антируска кампања.
„Се случи трагедија во Киев. Аркадиј Бабченко беше застрелан на влезот од неговиот дом. Премиерот на украинската влада ги обвини руските специјални служби, а истрагата не е ниту почната“, рече Лавров.
Бабченко бил застрелан со огнено оружје на влезот пред неговиот стан во Киев. Починал на патот кон болница како последница на пострелните рани. БИ-БИ-СИ пишува дека новинарот на својата Фејсбук страница ја опишувал Русија како агресор, а по падот на рускиот воен авион во 2016 година почнал да добива смртни закани, што го натерало да ја напушти земјата.
Марина Ристова
