Енергетика

Граѓаните од март в година ќе купуваат струја

30.05.2018 15:35

Купувањето или продавањето на електрична енергија ќе се врши преку нов механизам, Ден однапред- пазар на струја. Од март идната година, граѓаните сами ќе решаваат од кого ќе набавуваат електрична енергија. Никој со сигурност не може да тврди дека струјата во иднина ќе биде поевтина, вели вицепремиерот Анѓушев...

Од март следната година, граѓаните сами ќе одлучуваат од кој снабдувач ќе купуваат електрична енергија. Од Владата велат- слободниот пазар ќе почне да функционира девет месеци по стапување во сила на новиот Закон за енергетика и изборот на универзален снабдувач, од кој ќе се снабдуваат оние што нема сами да купуваат струја. Вицепремиерот Анѓушев тврди, со новата регулатива цената секогаш ќе биде поповолна во споредба со претходната.

„Сигурен сум и убеден сум, и тоа го гарантирам дека со новиот Закон, цената на електричната енергија за граѓаните секогаш ќе биде поповолна во споредба со тоа што го нудеше претходниот Закон. Кога ќе биде избран универзалниот снабдувач, ќе се создадат услови за граѓаните да можат да бидат на слободен пазар“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Универзалниот снабдувач ќе се избира на тендер. Од Владата велат- граѓаните ќе бидат заштитени, првите години 80 насто од произведената електрична енергија од домашно произвдоство од ЕЛЕМ ќе биде достапно до нив, за домаќинствата на подолг рок да бидат заштитени од ценовни шокови.

Според новиот Закон, Регулаторната комисија нема да ги признава непродуктивните трошоци. Компаниите ќе мора сами да ги вкалкулираат во одредена маргина и цената што ќе ја понудат да биде поконкурентна од онаа на набавената струја.

Во рамките на МЕПСО ќе биде формирана посебна единица. Купувањето или продавањето ќе се врши преку ДЕН ОДНАПРЕД пазарот на електрична енергија, нов механизам кој ги отвора вратите на мултилатералните тргувања.

„Пазар на Ден однапред, каде за разлика од билатералните договори, сега се оди на мултилатерално тргување. Ваквиот пазар треба да овозможи цврсти ценовни сигнали и одржливи инвестиции“, вели Узунов.

Воспоставувањето на организираниот пазар е прва фаза и предуслов за регионално поврзување на пазарите на електрична енергија на земјите од Западен Балкан – велат надлежните.

 

Сузана Фиданска-Стоевска