ОН

Појасот Газа е на работ на војна

31.05.2018 11:28

По барање на САД, Советот за безбедност одржа вонредна седница на која Вашингтон инсистираше да се усвои декларација со која се осудуваат нападите врз Израел.

Координаторот на Организацијата на Обединети Нации за Блискиот Исток, Николај Младенов тврди дека Појасот Газа е пред војна поради насилството меѓу Израел и палестинското движење Хамас. По барање на САД, Советот за безбедност одржа вонредна седница на која Вашингтон инсистираше да се усвои декларација со која се осудуваат нападите врз Израел.

„За жал, во последниве денови видовме сериозно ескалирање на ситуацијата, најголемото во конфликтот од 2014 година меѓу Хамас и Израел. Секојдневно не потсетуваат дека сме многу блиску до војна“, изјави Николај Младенов, специјален координатор за Блиски исток.

Непостојаната членка на Советот, Кувајт, кој ги претставува арапските земји, го блокираше предлогот и бара гласање за својот предлог со кој се наведуваат мерки за гарантирање на безбедноста и заштитата на палестинското цивилно население на палестинските територии и Појасот Газа.