Корејско прашање

Подготвителни средби за сингапурскиот самит

31.05.2018 12:32

Интензивни подготовки се во тек и на азискиот и на американскиот континент, иако сѐ уште постои неизвесност околу одржувањето на сингапурскиот самит...

Севернокорејскиот генерал Ким Јонг- чол во Њујорк на средба со американскиот шеф на дипломатијата Мајк Помпео во рамките на подготовките за историскиот самит на претседателот Доналд Трамп и лидерот Ким Јонг- ун во Сингапур. Поранешниот шеф на разузнавачката служба и еден од најблиските соработници на Ким е највисокиот претставник кој стапнал на американска територија во последниве 18 години иако до неодамна беше на црната листа на САД.

„Разговорите се фокусирани околу нуклеарното разоружување на Полуостровот. Токму затоа, се водат дискусии, а и самитот во Сингапур би бил посветен на таа тема. Продолжуваме да се подготвуваме за 12 јуни“, вели портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

Интензивни подготовки се во тек и на азискиот и на американскиот континент. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во официјална посета на Северна Кореја на разговори со колегата Ри Јонг-хо. 

„Решавањето на прашањето за нуклеарната програма на Корејскиот Полуостров не може да биде целосно ако не се укинат санкциите кон Пјонгјанг. Невозможно е во еден чекор да се обезбеди денуклеаризација, затоа се потребни неколку фази, односно и  доближување во секоја од тие фази“, изјави Лавров.

Последните несогласувања меѓу Вашингтон и Пјонгјанг почнаа поради предупредувањата од Белата куќа за „либиско сценарио“ во контекст на севернокорејското прашање. Споредбата со поранешниот лидер Гадафи којшто се откажа од програмата, па беше убиен од бунтовниците поддржани од Западот, ја заостри реториката меѓу двете земји. Трамп го откажа самитот, а владата на Ким возврати со смирувачки тон.

Времено заладување на односите Пјонгјанг- Сеул имаше и поради воените вежби на Јужна Кореја и американската армија. По серијата неочекувани пресвртници, подготвивтелните средби за сингапурскиот самит  продолжуваат со засилено темпо. Од нивниот исход зависи дали на 12 јуни ќе се одржи средбата Трамп- Ким која може да доведе до решавање на корејското прашање.

 

Маја Филдишев