Обединети нации

Младенов: Појасот Газа на раб на војна

31.05.2018 12:43

Појасот Газа е пред војна поради насилството меѓу Израел и палестинското движење Хамас, изјави координаторот на организацијата на Обединети нации за Блискиот исток, Николај Младенов...

Координаторот на организацијата на Обединети нации за Блискиот исток, Николај Младенов тврди дека Појасот Газа е пред војна поради насилството меѓу Израел и палестинското движење Хамас. По барање на САД, Советот за безбедност одржа вонредна седница на која Вашингтон инсистираше да се усвои декларација со која се осудуваат нападите врз Израел. Младенов последната ескалација на нападите ја нарече најсериозна од 2014 година.

„За жал, во последниве денови видовме сериозно ескалирање на ситуацијата, најголемото во конфликтот од 2014 година меѓу Хамас и Израел. Секојдневно не потсетуваат дека сме многу блиску до војна“, рече Младенов.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли рече дека Хамас ја презел одговорноста за терористичкиот напад против Израел. Изрази жалење што соопштението предложено од САД, во кое Советот за безбедност го осудува Хамас, било блокирано на седницата од страна на Кувајт. Амбасадорот на земјата во ОН, Мансур Ел Отаби ја обвини израелската окупација дека е виновна за најновата ескалација на насилството.

Кувајт, кој ги претставува арапските земји меѓудругото, побара гласање за својот предлог со кој се наведуваат мерки за гарантирање на безбедноста и заштитата на палестинското цивилно население на палестинските територии и Појасот Газа.

Германија остро ги осуди нападите во Појасот Газа што се случуваат во пресрет на разговорите помеѓу германската канцеларка, Меркел, и израелскиот премиер, Нетанјаху. Министерството за надворешни работи соопшти дека Израел има право да ја брани својата безбедност и своите граници и да реагира соодветно на нападите.

 

Марина Ристова