Компании

Влошена состојбата во текстилната индустрија

31.05.2018 14:33

Влошена е состојбата во текстилната индустрија, реагираат од текстилниот кластер. Бараат враќање на нормираниот учинок за работниците и субвенции за производството. Велат- голем проблем е и недостигот на работна сила...

Со воведувањето на минималната плата од 12.000 денари и укинувањето на нормираниот учинок, уште повеќе се влоши состојбата во текстилната индустрија- реагираат од текстилниот кластер. Посочуваат дека неможноста да се исплатат плати и да се сервисираат останатите обврски ќе доведе до затворање на компаниите. Бараат сериозен пристап и државна поддршка.

Текстилците предупредуваат дека имаат голем проблем со недостигот на работна сила, а за да ја следат конкуренцијата, потребно е да вложуваат во опрема и технологија за што се потребни финансиски средства.

Текстилната, кожарската и чевларската индустрија вработуваат 65.000 лица или 20 отсто од вкупниот број вработени во државата. Извозот учествува со 13,3% во вкупниот извоз на земјава, а Германија, Холандија и Италија, се јавуваат како најголеми партнери на македонските текстилни компании.

 

Дијана Ценевска