Политика

Иванов не прифаќа ерга омнес и промена на Устав

31.05.2018 15:24

Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерите Заев и Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба. Претседателот Иванов со соопштение за денешната средба со министерот Димитров. Склучување на меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот, а не да предвидува негова измена, рекол Иванов...

Целиот процес наликува на личен договор меѓу двајцата премиери- рекол претседателот Ѓорге Иванов на средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров кој во резиденцијата Водно го информирал шефот на државата за досегашниот тек на разговорите за името со Грција.

Димитров усно информираше за последните случувања поврзани со разговорите за прашањето за разликата околу името, без притоа да приложи каков било писмен документ, пишува во кусото соопштение од претседателскиот кабинет.

„Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба, или ерга омнес“- рекол македонскиот претседател.

Претседателот Иванов подвлекол дека склучување на меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.

Откако беше објавено дека експертски тимови на Грција и Македонија работат на заеднички договор кој ќе го ратификуваат парламентите на двете држави и дека се чека во следниве денови финален разговор меѓу Ципрас и Заев и нивна средба во Преспа, македонскиот претседател Иванов посочи дека тој нема никакви информации во која насока се одвиваат разговорите.

Посочи дека очекува писмени документи околу тоа што е разговарано и досега постигнато- при тоа децидно кажувајќи дека неговиот став е ист како и на претходните претседатели, односно дека се противи на име за севкупна употреба.

 

Миле Ристески