Пратенички прашања

Опозицијата обвинува: Растат трошоците за живот, но не и економијата

31.05.2018 15:43

Растат трошоците за живот, но не и економијата, обвинуваат пратениците од опозицијата. Прашуваат зошто нема 500 евра плата и нови работни места. Најголем показател за економскиот раст се странските инвестиции, возврати вицепремиерот Анѓушев. Само во првиот квартал од годинава тие достигнале 233 милиони евра...

Опозицијата ја прашува Владата како планира да го оствари проектираниот раст од 3,2 насто и да ја намали невработеноста за 4 процентни поени во услови кога не е исполнето ниту едно ветување во делот на економијата. Најголем доказ за тоа, според пратениците од ВМРО- ДПМНЕ се отчетот на Владата и фискалната политика. Нема раст на економијата, нема 500 евра плата, задолжувањето го надмина психолошкиот праг од 5 милијарди евра, нема нови работни места. Обвинуваат дека растат трошоците за живот, но ,не и економијата. Прашуваат зошто нема нови инвеститори и не им се помага на компаниите како што е Веибо Груп.

Најголем показател за економскиот раст се странските инвестиции. Само во првиот квартал од годинава тие достигнале 233 милиони евра, возврати вицепремиерот Анѓушев. Презентирајќи ги бројките од Народната банка рече дека тоа е повеќе од цела 2017- та, или повеќе од кој било квартал од 2006- та година. Најави влез на нови инвеститори во земјава.

За Веибо Груп, Анѓушев вели дека три компании се веќе заинтересирани да ги преземат вработените, а како решение за заостанатите плати ја посочи стечајната постапка. За лошата состојба во оваа компанија ја обвини минатата влада и лошите политики што ги водела. Ветила 5.000 нови вработувања и откуп на погон во Крива Паланка, а воопшто не почнала реализација, тврди вицепремиерот за економски прашања.

 

Викторија Милевска