Заев: За крупните реформи треба време
Точно на една година од изборот, прва владина реконструкција. Во Владата влегуваат ДПА и скопското крило на БЕСА на Африм Гаши. Премиерот Заев задоволен од досега сработеното. Вели-потребно е повеќе време за крупните реформи. Пазарџиска реконструкција, оценка на ВМРО-ДПМНЕ...

На годишнината од изборот на новата Влада, во Собранието седницата за реконструкција на тимот на премиерот Заев. Нови коалициски партнери се ДПА на Мендух Тачи и скопското крило на БЕСА на Африм Гаши. Заев задоволен од досега сработеното, но вели дека е потребно повеќе време за крупните реформи.
„За да се создадат услови за темелна промена и за отстранување на последиците од разрушениот систем, неопходно е малку повеќе време за спроведување на структурни реформи, какви што започнавме, какви што спроведовме и какви што ни претстојат. Системот го регенериравме од внатре, во самите институции. Имајќи го тоа предвид, како претседател на Владата и во има на владиниот состав јас можам да изразам задоволство од постигнатото“- рече премиерот Заев од собраниската говорница.
ВМРО- ДПМНЕ, по обраќањето на премиерот, реконструкцијата ја нарече пазарџиска, без политичка содржина и порака. Она што не го правите денеска е реконструкција во ресорите каде нема резултати или има потфрлување- велат од опозициската партија.
„Не бива напредок со козметика и рокади заради рокади, на според вас дефинираните трули темели. Самите констатиравте, барем кажете го клучното. Кога повеќе ги потценувате граѓаните, кога ја поставувате дијагнозата или кога козметички го лекувате самопоставениот проблем“, рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Според предлогот на премиерот Заев, актуелната министерка за образование и наука Рената Дескоска ќе седне во министерската фотелја во правда, а Арбр Адеми од ДУИ ќе биде нејзиниот наследник во образование.
Движењето БЕСА го добива ресорот култура. За министер е предложен Асаф Адеми. ДПА добива министер без ресор задолжен за странски инвестиции. Предлогот е Бардуљ Даути, а заменик- министер во транспорт и врски Мусадик Беќири.
За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.
За дебата пријавени се околу 35 пратеници, најмногу од нив од опозицијата. Новите министри треба да бидат избрани до полноќ.
