Кампања „На секое дете му треба семејство“

01.06.2018 12:40

Министерката Царовска посочи дека оваа кампања значи многу за Македонија и има за цел да се обезбеди семејство за секое дете во државата.

Почна кампањата „На секое дете му треба семејство“. Тоа треба да расте во семејство, опкружено со љубов, вели министерката за труд и социјала Царовска. Ги повика граѓаните да придонесат во системот на социјалната заштита, да се регистрираат како згрижувачи, да поминат обука за да чуваат дете.

Царовска посочи дека оваа кампања значи многу за Македонија и има за цел да се обезбеди семејство за секое дете во државата.

„Институциите, за жал, не се добра форма за децата да растат внатре. Секое дете треба да расте во семејство или најблиску до топлината на едно семејство, затоа што само така ние ќе го искористиме максималниот потенцијал на сите деца во нашата држава“, изјави Царовска.

Почетокот на кампањата беше означен денеска на плоштадот „Македонија“ со флеш моб со песната „Галебе мој тажен“, која е дел од кампањата „Дали имате љубов за давање“.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс рече дека со кампањата сакаат да помогнат да се мобилизира доволен број згрижувачки семејства, кои имат љубов за давање на децата, кои во моментот се сместени во институции и да се создаде широка мрежа на семејства што се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата на кои може да им треба згрижување во иднина.