Свет

ЕУ, Канада и Мексико против одлуката на САД за царини за челик и алуминиум

01.06.2018 12:45

Европската унија, Мексико и Канада против одлуката на Вашингтон за царини за челик и алуминиум. За официјален Париз, тарифите се донесени со незаконска процедура. Брисел најави контрамерки за познати американски производи...

Стапуваат во сила американските царини за увоз на челик и алуминиум од Европската унија. САД наметнaa царини од 25 проценти за увозот на челик и 10 проценти за увозот на алуминиум од блокот, Канада и Мексико. Брисел најавува реципрочни мерки, кои ќе се однесуваат на познатите американски производи, вклучувајќи ги мотоциклите Харли Дејвидсон, фармерките и вискито. Одлуката на Вашингтон - неприфатлива и нелогична за засегнатите земји.

Ова е лош ден за светската трговија. Европската Унија не може да не реагира. Итно активираме спор во Светската трговска организаија и најавуваме контрамерки. Се што прават тие, ќе правиме и ние. Неприфатливо е земја да воведува еднострани мерки во контекст на светската трговија“, изјави претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

Ние сме вториот најголем пазар за американски извоз на челик, ова нема смисла. Ќе преземеме соодветни чекори кон САД. Отворени сме за дијалог кој го одржавме за модернизација на договорот НАФТА“, вели Илдефонсо Гуахардо, министер за економија на Мексико.

Поради одлуката на Белата куќа, и официјален Париз го заостри тонот кон Вашингтон. Во телефонски разговор, францускиот претседател Макрон го искритикува својот американски колега Трамп за донесување на, како што вели, „незаконска одлука“.

Ова покажува колку е неопходно да се изгради повторни глобалната трговија зашто овие унилатерални мерки се штетен одговор на проблемот со суфицит. Постои преголем капацитет на челик и алуминиум, но ЕУ не е причината за тоа. Мора да ги браниме своите права. Среќен сум што блокот е едногласен во моментот на вистината. Жалам што Американците веќе најавија и други мерки“, изјави Жан Батист Лемоан, државен секретар на министерот за Европа и надворешни работи.

Претседателот Трамп тврди дека американските производители на челик и алуминиум се од витално значење за националната безбедност, а тарифите се активирани поради опасноста на којашто се изложени индустриите поради преголемата залиха од конректните производи на глобално ниво.

Маја Филдишев