Фаворитите на искушенија!
Успешното минато ги прави гостите фаворити во вечерашните дуели од осминафиналето на Лигата на шампионите, но ниту Челзи против Галатасарај, ниту пак Реал Мадрид против Шалке нема да имаат рутинска обврска, барем не во првите натпревари.

Пред 15 години Челзи го декласираше Галатасарај во Истанбул со 5:0, но турскиот првак со Дрогба и Снајдер на теренот и со Манчини на клупата сега е поинаква екипа. Навистина, Галатасарај прими најмногу голови во групната фаза од сите осминафиналисти, дури 16, но во пеколот на Али Сами Јен е совладан само еднаш во вкупно 16 или седум европски мечеви. Колку и да го сака Челзи, Дрогба е мотивиран за максимум против екипата со која освои десет трофеи, беше и европски шампион и во 341 дуел постигна 157 голови. Галата ќе биде комплетна за разлика од Челзи за кој нема да игра Матиќ затоа што во елитата сезонава веќе настапуваше за Бенфика. Сините не се идеален гостин бидејќи во сите натпреварувања имаат шест триумфи на последните 13 натпревари, но оптимизмот го базираат на добрата форма во Премиер лигата кадешто немаат пораз 12 меча и во фактот дека реваншот ќе го играат во Лондон. Преносот од натпреварот Галатасарај – ќелзи ќе биде на МРТ1 во 20.45.
Реал Мадрид е во серија од 27 натпревари без пораз, во неа има 23 победи или само еднаш не успеал да триумфира на 16 меча. Последна што го совладала е Барселона, 2:1 во октомври минатата година. Кралскиот клуб на дури 13 од 15 дуели не примил гол, по трите меча пауза во шпанското првенство во тимот ќе се врати Кристијано Роналдо кој со девет гола е рекордер во групната фаза во историјата на Лигата на шампионите, но не е прв стрелец затоа што во меѓувреме Ибрахимовиќ постигна десет. И покрај ваквата статистика лидерот во Примера не оди мирен на гостувањето во Гелзенкирхен затоа што на 25 натпревари во Германија има само една победа и тоа во 2000-та, 3:2 против Баер Леверкузен, шест нерешени и дури 18 порази. Во 2014-та Шалке е во одлична форма со пет триумфи и само едно реми. Неизвесен е настапот на Ховедес и на Учида, но во екипата ќе биде опоравениот Драклсер и екстра мотивираниот Хунтелар кој мина една бледа сезона на „Сантијаго Бернабеу“.
