Прва реконструкција на тимот на премиерот Заев
На годишнината од изборот на новата Влада, во Собранието прва реконструкција на тимот на премиерот Заев. Во Владата влегуваат ДПА, скопското крило на БЕСА на Африм Гаши и Сојузот на Ромите. Шефот на владата задоволен од досега сработеното. За крупните реформи треба време, вели Заев. Пазарџиска реконструкција и алиби Влада- оценка на ВМРО-ДПМНЕ...

Ве уверувам дека предложените кандидати совесно и со најголема посветеност и одговорност ќе ги извршуваат обврските, согласно законот и владините определби за остварување на стратегиските интереси на Република Македонија, во интерес на граѓаните, вака премиерот Заев објасни зошто менува дел од тимот. Вели дека е задоволен од досега постигнатото. Најави дека во следниот период ќе се реализираат крупни реформи, но и големи одлуки за кои рече дека ќе бидат од пресудно значење за иднината на државата и граѓаните.
„За да се создадат услови за темелна промена и за отстранување на последиците од разрушениот систем, неопходно е малку повеќе време за спроведување на структурни реформи, какви што започнавме, какви што спроведовме и какви што ни претстојат. Системот го регенериравме од внатре, во самите институции. Имајќи го тоа предвид, како претседател на Владата и во има на владиниот состав јас можам да изразам задоволство од постигнатото“, рече премиерот Заев од собраниската говорница.
Пазарџиска и козметичка реконструкција за добивање на пет пратеници повеќе во Собранието. Со ова не се подобруваат слабостите на Владата и нејзините резултати, оценија пратениците од ВМРО – ДПМНЕ. Прашаа зошто министрите што поднесоа оставка не дојдоа во Собранието за пред граѓаните од кои ја добиле довербата, да образложат што сработиле во минатата година. Оваа Влада ги санира штетите од предходната власт, која според потпретседателот Мисовски ја опустошила државата. Коалицискиот партнер ДУИ со безрезервна поддршка за Владата на Заев. Евроинтеграциите- во преден план.
„Не бива напредок со козметика и рокади заради рокади, на според вас дефинираните трули темели“, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Го урнисавте општеството, ги испопљачкавте граѓаните. Го уринсавте општеството како Космос со динамит што го уништивте“, возврати Горан Мисовски од СДСМ.
„Се вратиме на патот на кој сите наши граѓани очекуваат од нас да бидеме. Тоа е на трасата за интегрирање на нашата земја во НАТО и во ЕУ“, нагласи Артан Груби од ДУИ.
Власта и опозицијата се судрија за процесот на евроинтеграции, за спроведувањето на реформите во правосудството, за економијата.
Викторија Милевска
