Политика

Претседателот Иванов бара национален консензус за името

01.06.2018 15:48

Претседателот Иванов побара од премиерот да му го достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите. Рече дека останува на ставот дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба...

Претседателот Иванов го побара од премиерот нацрт договорот со соседна Грција околу името, предлогот за водење на преговорите со уставна основа, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите. Сѐ уште го има истиот став, не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба.

„Ставот на претседателот Иванов дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес е основен непроменлив принцип, што е во согласност со утврдената правна рамка за водење на разговорите за разликата околу името во рамките на Обединетите нации и во никој случај не е насочен против интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и во НАТО“– се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Оттаму, укажуваат на ставот на Иванов од потребата за постигнување на национален консензус за надминување на разликата околу името и изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните. По средбата со министерот Димитров, претседателот Иванов за процесот рече дека наликува на личен договор меѓу премиерите на двете земји.

 

Анита Димитријевска