Словенија

Јанша доби мандат за формирање Влада

04.06.2018 10:23

Десничарската демократската партија на Јанша доби мандат за формирање Влада во Словенија. 1,7 милиони гласачи бираа меѓу 1.636 кандидати од 25 партии. Излезноста достигна 48 проценти. Ова се осмите парламентарни избори од осамостојувањето...

Со освоени 25% од гласовите, антиИмигрантската опозициска партија во Словенија се пласираше на првото место на парламентарните избори. Централно-десничарската „Демократска партија“ на поранешниот премиер Јанез Јанша веројатно ќе има проблеми да состави влада, пред се, поради тврдокорниот став околу мигрантското прашање, што го намали бројот на потенцијални коалициски партнери. Гласачите од многу источноевропски земји на Европската унија, особено во Унгарија и Полска, им се придружија на партиите коишто се против планот за прифаќање на баратели за азил под одредена квота.

Верувам дека ќе биде направен првиот чекор кој ќе ја претвори Словенија во држава во која Словенците ќе бидат на прво место. Не верувам дека резултатите ќе донесат доволно стабилност за да се направи тој чекор. Но ова ќе биде почетокот на тој чекор“, изјави Јанез Јанша, лидер на Демократска партија на Словенија.

На второ мссто е „Листа“ на Марјан Шарец со поддршка од над 12 % од гласачите. Потенцира, нема намера да учествува во новиот кабинет на Јанша.

Му честитам на победникот на изборите, но и натаму си стоиме на зборот од нашата кампања. Себеси не се гледаме во коалиција со СДС. Им посакуваме сѐ најдобро“, рече Марјан Шарец, лидер на „Листа“.

Околу 10% освоија „Партијата на модерниот центар“ на досегашниот премиер Церар, „Левица“ и социјалдемократите.

„Секогаш се натпреваруваат речиси истите луѓе, па мојот избор го базирам на програмата што ја нудат. Гласав за некој нов.“

„Ме водеа сопствените убедувања и принципи. Ги гледав дебатите на интернет, не на телевизија или радио.“

„Гласав за платформите. Правев споредба меѓу партиите. Сакам кандидат кој е ефективен“- велат граѓаните.

Најголеми шанси за состав на владата, Јанша има со Новата словенечка партија и со Националната партија. Но Словенија е исто така и пред нови можни избори.

На вчерашните, 1,7 милиони гласачи бираа меѓу 1.636 кандидати од 25 партии. Излезноста изнесуваше 48 проценти.

Маја Филдишев