Декласифициран договорот со Грција

15.06.2018 10:21

Владата вчера го усвои извештајот за решавање на македонско- грчкиот спор за името. Донесе одлука договорот да го декласифицира. Премиерот Заев рекол дека со актот се отвора иднината на земјата...

Владата го разгледа и го усвои извештајот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Донесе одлука договорот да го декласифицира. Премиерот Заев истакнал дека со овој договор се отвора иднината на земјата.

Во документот од 20 страници стои дека нашата земја се обврзува преку амандманска интервенција во Уставот да го смени името во Република Северна Македонија, кое ќе важи за севкупна употреба. Договорено е уставните промени во целост да се усвојат до крајот на годината.

Националноста останува македонска, а во пасошите ќе пишува граѓани на Република Северна Македонија. Јазикот е македонски, со појаснување дека спаѓа во групата на јужнословенски јазици и не е поврзан со античката хеленистичка цивилизација.

Во однос на важноста на постоечките документи, договорени се два транзициски периоди: технички со кој документите издадени од јавната администрација мора да се обноват во согласност со договореното име најдоцна во рок од пет години. Политичката транзиција се однесува на документите и материјалите кои се за внатрешна употреба.

Тие ќе се менуваат со отворањето на секое поглавје од преговорите со ЕУ во таа област и ќе бидат комплетирани во рок од пет години.

Во договорот се наведува дека разбирањата на двете страни за термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.

Регистерските таблички на возилата ќе бидат испишани со кодот „НМ“ или „НМК“. Националните кодови „МК“ и „МКД“ остануваат непроменети. Новото име ќе се користи во меѓународните организации и во билатералните односи со земјите членки на ОН.

Во текстот се наведува дека нашата земја треба да го ратификува документот во Собранието и да ја извести Грција за тоа, по што грчкиот парламент ќе го ратификува договорот. Двете земји ќе ја зајакнат и дипломатските односи. Канцелариите за врски ќе прераснат во амбасади. Канцеларијата на Македонија за конзуларни и економски работи во Солун ќе прерасне во Генерален Конзулат, а истото ќе се случи со канцеларијата на Грција во Битола. Договорот подразбира дека Грција ќе ја поддржи нашата земја за членството во ЕУ и во НАТО.

 

Игор Панов