Грчки Парламент

Жестока расправа за недоверба на грчката Влада

15.06.2018 12:09

Опозициската Нова демократија го отфрла документот како лош и штетен за нивните национални интереси. Ја обвини грчката влада дека барала аргументи што не се во корист на нивната земја. Жестоката полемика кулминираше кога пратеник на Златна зора повика на воен преврат...

Грчкиот парламент расправа за недоверба на владата на премиерот Ципрас поради договорот за името со Македонија. Опозициската Нова демократија го отфрла документот како лош и штетен за нивните национални интереси. Ја обвини грчката влада дека барала аргументи што не се во корист на нивната земја.

„Ви дадовме аргументи дека не е признат македонскиот јазик од Грција во модерниот облик на македонското прашање, а вие барате и наоѓате во прилог на другата страна. Ова никогаш се нема случено“, рече Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во Нова демократија.

„Сакаме решение за името и стабилност на Балканот, но за тоа е потребна стабилна и силна Грција. Сакаме решение кое нема да им штети на нашите национални интереси. Под овие околности, оваа Влада нема мандат да продолжи на нелегалниот курс и затоа поднесовме барање за гласање недоверба“, изјави лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Во одбрана на Владата, алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос посочи дека во договорот не е спомната националноста, туку државјанството. „Отворете ги своите пасоши каде пишува државјанство, тоа е правната врска на граѓанинот со државата, не е националноста, со тоа не може да се занимава договорот, бидејќи е прашање кое е поврзано со свеста и самопределувањето“, изјави Катругалос.

„Интерпелацијата на Владата е добредојдена. Ова е вреден подарок во овој критичен момент. Ова е прва можност детално да објаснам кој што дал или зел во расправата што 26 години ја влече државата назад, бидејќи уште во 70-ите се направени грешки поради кои се најдовме во оваа позиција денес“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Жестоката полемика кулминираше кога пратеник на Златна зора повика на воен преврат.

„Да интервенира Армијата за да се спречи ова предавство и да се уапси премиерот, министерот за одбрана и претседателот“, рече Константинос Барбарусис, Златна зора.

Реагираше претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис со наредба Златна зора да се острани од седницата.

„Денес во грчкиот Парламент паднаа маските. Политичката сила Златна зора директно повика на пуч на политичкиот систем, врз демократскиот политички систем и повика на воен пуч со одобрување од мнозинството пратеници на оваа пратеничка група“, рече Вуцис.

Расправата во Атина ќе финишира утре, кога се очекува гласањето за довербата.

 

Ирина Гелевска