Софија

Иванов: Бугарија успеа да го врати фокусот на ЕУ на регионот

15.06.2018 12:24

Втор ден од посетата на претседателот Ѓорге Иванов на Република Бугарија. Во денешната агенда се средбите со македонските граѓани што живеат и работат во Бугарија, како и средбата со нерезидентните амбасадори кои што од Софија ја покриваат и Република Македонија. Иванов се сретна и со експретседателот Петар Стојанов, како и со спикерот на Народното Собрание, Карајанчева...

Претседавачот со ЕУ, Бугарија, овие шест месеци успеа да го врати фокусот на Унијата кон регионот, а Договорот за добрососедство и соработка отвори нови перпективи во билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија, оцени претседателот Иванов на средбата со македонски граѓани, стопанственици и културни дејци кои живеат и работат во Бугарија. Во Културно- информативниот центар на Република Македонија во Софија дебата за односите меѓу двете земји.

„Бугарија со претседавањето со ЕУ извонредно ни помогна нам и на целиот регион , бидејќи нашиот регион на некој начин беше на маргината на интересот на ЕУ, а сега повторно сме вратени на агендата на ЕУ“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Дводневната официјална посета на Република Бугарија претседателот Иванов ја звршува со средба со нерезидентните амбасадори на странски земји, акердитирани во Софија за Република Македонија. Во фокусот- засилени активности за унапредување на економската соработка.

Покрај средбата со домаќинот, Румен Радев, претседателот Иванов во Софија се сретна и со поранешниот бугарски претседател, Петар Стојанов и со спикерот на Народното собрание на Република Бугарија, Цвета Карајанчева. Разговарале за процесот на имплементација на Договорот за добрососедство, за актуелните политички случувања и за евроатланската перспектива на Република Македонија во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ и Самитот на НАТО.

 

Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Софија за МРТ