Пекинг: Брз одговор ако САД ги загрози кинеските интереси
Заканата доаѓа во очи подготовките на Белата куќа да објави листа на кинеска стока во вредност од 50 милијарди долари која ќе биде подложена на зголемена царина од 25 насто.

Кина брзо ќе одговори за да се заштити ако САД ги загрозат нејзините интереси, соопшти портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.
Заканата доаѓа во очи подготовките на Белата куќа да објави листа на кинеска стока во вредност од 50 милијарди долари која ќе биде подложена на зголемена царина од 25 насто.
Претседателот Трамп се закани дека ќе зголеми царините како одговор на забелешките поради кинескиот трговски суфицит со САД и политиката околу технологијата.
Пекинг вети дека Кина ќе купува повеќе американска соја, природен гас и други производи, но предупреди дека по разговорите меѓу американскиот министер Вилбур Рос и кинескиот премиер Лиу Хе на 3-ти јуни сите договори ќе отпаднат доколку Трамп ја исполни својата закана за воведување царина.
„Ние јасно рековме дека доколку САД воведат трговски санкции вклучувајќи и наметнување царина, ништо од резултатите постигнати меѓу двете страни по прашањето за трговијата нема да биде спроведено“, изјави Шуанг.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео кој е во посета на Пекинг, изјави дека имал конструктивни разговори со кинеските официјални лица, меѓу кои и со министерот за надворешни работи, Ванг Ји. Помпео рече дека американскиот суфицит со Кина е висок, и нагласи дека е многу важно претседателот Трамп да ја исправи ситуацијата, за трговијата да биде врамнотежена, реципрочна и почесна.
Марина Ристова
