Муслиманските верници го слават празникот Рамазан Бајрам

15.06.2018 14:08

Едномесечниот пост заврши, муслиманските верници го слават празникот на милосрдието, Рамазан Бајрам. Македонската телевизија ги пренесува обичаите во домот на семејството Куртиши...

Портите од домот на семејството Куртиши ширум се отворени за добронамерните гости. Рамазан Бајрам е ден за споделување љубов, верност и мир со најблиските.

Вкусна баклава за добредојде. Домаќинките ја подготвуваат празничната софра.

Големиот празник не значи само крај на едномесечниот пост – објаснува највозрасниот член на семејството. Освен воздржување од храна и вода, овој ден е потсетник дека верниците треба да ги игнорираат лошите мисли и духовно да се прочистат.

Пред утринската молитва – Бајрам намаз, верниците даваат садакатул – фитер, милостина за сиромашните, а потоа одат на гробишта кадешто го оживуваат споменот за своите најблиски. Рамазан Бајрам, како и Велигден се денови кога се премостуваат разликите, а се празнува соживотот.

Рамазан е деветиот месец во исламскиот календар. Завршува со празникот Бајрам кој се прославува три дена.

 

Анита Димитријевска