ПОЛИТИКА

Реакции по објавувањето на договорот со Грција

15.06.2018 14:13

„Силно верувам во договорот. Со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација се затвора прашањето и се отвора иднината“, став на премиерот. ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Заев дека ги погазил државните и националните интереси, СДСМ бара поддршка за решението...

„Силно верувам во договорот бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината на земјата“, рекол премиерот Заев на владината седница откако беше едногласно усвоен договорот со Грција. Според него, Владата е горда на ова решение, како историска одлука со што се испишува нова страница во историјата на нашата земја. Договорот е декласифициран и достапен за јавноста.

„Зоран Заев недостоинствено ги погази државните и национални интереси на Република Македонија. Одлучи да прифати промена на уставното име, да ја проблематизира националноста и да се откаже од историјата“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, за Македонија има само обврски. Партијата за в недела најави протестен марш во Битола.

Од СДСМ со став дека Договорот го гарантира и го зајакнува македонскиот идентитет и никој повеќе нема да го оспорува или негира. „Членството во ЕУ и НАТО се врвен државен и национален интерес и затоа, ако се води од овие интереси ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи Договорот“- велат социјалдемократите.

 

Игор Панов