Политика

Договорот за името ќе се потпише утре

16.06.2018 10:33

На церемонијата е превидено и присуство на високи претставници на меѓународната заедница, високата претставничка за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, но нивното прусуство официјално сѐ уште не е потврдено...

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас утре во регионот на Преспа на грчка страна ќе стават потпис на договорот за решавање на спорот за името, со кој е предвидено официјалното име за севкупна употреба да биде Република Северна Македонија. На потпишувањето на договорот ќе присуствуваат и премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата е превидено и присуство на високи претставници на меѓународната заедница, високата претставничка за заедничка надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, но нивното прусуство официјално сѐ уште не е потврдено.

По потпишувањето следуваат изјави, а потоа двете делегации се префрлаат на македонска страна, каде е предвидена официјална средба на премиерите Заев и Ципрас, на двете делегации и заеднички ручек.

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

За утре во Битола протест најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го поддржува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот, а протести од вчера се одржуваат и пред Парламентот во Атина, каде пратениците расправаат за недоверба на Владата на Ципрас и за договорот.