Во Преспа ќе се стават потписите на конечниот договор за името

17.06.2018 09:39

Предвидено е Заев и Ципрас да имаат обраќања на свечената церемонија на потпишување, по што заминуваат за Отешево каде што ќе биде одржана официјалната средба на двете делегации, ќе има билатерален разговор и свечен ручек.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот Метју Нимиц, денеска во Преспа под зајакнати безбедни мерки и во присуство на високи претставници на меѓународната заедница треба да ги стават своите потписи на договорот меѓу двете земји за конечно решавање на спорот за името, со кој е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.

На потпишувањето во Псарадес на грчка страна од Преспанското Езеро, ќе присуствуваат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои на 12-ти јуни во телефонски разговор го потврдија договореното во преговорите, што беа обновени кон крајот на минатата година. Предвидено е Заев и Ципрас да имаат обраќања на свечената церемонија на потпишување, по што заминуваат за Отешево каде што ќе биде одржана официјалната средба на двете делегации, ќе има билатерален разговор и свечен ручек. Во македонската владина делегација се и вицепремиерите - министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На церемонијата во Псарадес и во Отешево ќе присуствуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција следете го во живо на МРТ1