Потпишан договорот меѓу Македонија и Грција
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција го потпишаа договорот за името. Македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето пред потпишувањето на Договорот со Грција нагласи дека државата е горда што одбрала решение што обединува. Во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна, рече грчкиот премиер Ципрас во своето обраќање...

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас, денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско- грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето пред потпишувањето на Договорот со Грција нагласи дека државата е горда што одбрала решение што обединува.
„Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји - поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е- возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека ова е свечен чин и израз на посветеноста да се најде решение што е во интерес на иднината и на граѓаните на двете држави. Со Договорот што е потпишан денеска се создава шанса и тоа е историска можност за засилена соработка, посилни економски врски и повисок раст и развој, нагласи Заев
„Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината“, рече премиерот Заев.
Премиерот му се заблагодари и на медијаторот Метју Нимиц, кому денеска му е роденден, кој посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање.
Во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна, рече грчкиот премиер Ципрас во своето обраќање. Денешната средба ја карактеризираше како состанок со историјата поради историското значење на областа. Говорејќи за договорот, Алексис Ципрас рече дека е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.
„Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи“, истакна грчкиот премиер Ципрас.
На свечената церемонија присуствуваа и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик- претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.
Што предвидува договорот?
Во документот од 20 страници стои дека нашата земја се обврзува преку амандманска интервенција во Уставот да го смени името во Република Северна Македонија, кое ќе важи за севкупна употреба. Договорено е уставните промени во целост да се усвојат до крајот на годината.
Националноста останува македонска, а во пасошите ќе пишува граѓани на Република Северна Македонија. Јазикот е македонски, со појаснување дека спаѓа во групата на јужнословенски јазици и не е поврзан со античката хеленистичка цивилизација.
Во однос на важноста на постоечките документи, договорени се два транзициски периоди: технички со кој документите издадени од јавната администрација мора да се обноват во согласност со договореното име најдоцна во рок од пет години. Политичката транзиција се однесува на документите и материјалите кои се за внатрешна употреба.
Тие ќе се менуваат со отворањето на секое поглавје од преговорите со ЕУ во таа област и ќе бидат комплетирани во рок од пет години.
Во договорот се наведува дека разбирањата на двете страни за термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.
Регистерските таблички на возилата ќе бидат испишани со кодот „НМ“ или „НМК“. Националните кодови „МК“ и „МКД“ остануваат непроменети. Новото име ќе се користи во меѓународните организации и во билатералните односи со земјите членки на ОН.
Во текстот се наведува дека нашата земја треба да го ратификува документот во Собранието и да ја извести Грција за тоа, по што грчкиот парламент ќе го ратификува договорот. Двете земји ќе ја зајакнат и дипломатските односи. Канцелариите за врски ќе прераснат во амбасади. Канцеларијата на Македонија за конзуларни и економски работи во Солун ќе прерасне во Генерален Конзулат, а истото ќе се случи со канцеларијата на Грција во Битола. Договорот подразбира дека Грција ќе ја поддржи нашата земја за членството во ЕУ и во НАТО.
