Протести пред Собранието

МВР: Повредени 7 полицајци, приведени 25 демонстранти

18.06.2018 09:35

Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести во кои се повредени седум полицајци. МВР информира дека се приведени 25 демонстранти...

Со извици „Македонија“, со патриотски песни и навивачки свирки, синоќа граѓани се собраа пред Собранието за да протестираат против договорот со Грција. Сметаат дека се прави геноцид над името на Македонија и побараа да остане уставното име на државата.

При крајот на протестот, организиран преку група на социјалната мрежа „Фејсбук“, се случи инцидент кога навивачките групи фрлиле запалливи предмети кон полицискиот кордон, по што припадниците на МВР реагирале.

МВР соопшти дека во насилните протести биле повредени седум полицајци, а биле приведени 25 демонстранти.

На вчерашниот јавен протест во Скопје, дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец, соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.