Европа

Холандија: Жртви во напад на музички фестивал

18.06.2018 12:30

Полицијата трага по возачот на белото комби којшто удри четворица посетители на популарниот настан во Лимбург. Едно лице загина, а преостанатите во групата се хоспитализирани. Непознато е дали нападот бил несреќен или планиран случај...

Бело кобми усмрти и повреди неколку лица во близина на холандскиот музички фестивал Пинкпоп. Инцидентот се случил околу 4 часот наутро во близина до локацијата каде што се одржувал тридневниот настан во јужниот дел на земјата. Нејасно е дали судирот бил намерен или станува збор за несреќен случај. Во потрагата по возилото се вклучени и белгиската и германската полиција. Очевидци велат дека белиот „фиат добло“ имал холандски регистарски таблички.

„Веднаш по нападот, возачот побегна со возилото. Трагаме по него. Жртвите се посетители на фестивалот иако несреќата не се случи на самиот настан. Ова се случи  на пат во близина до областа одредена за Пинкпоп“, изјави Хуб Хенен, портпарол на полицијата.

Фестивалот со речиси петдецениска традиција, секоја година го посетуваат десетици илјади луѓе од целиот свет. Последното издание заврши со настапот на Бруно Марс само неколку часа пред да се случи смртоносната несреќа.

Ова не е првпат холандската полиција да интервенира за напад. Лани одговори на терористичка закана на рок концерт во Ротердам по дојава од шпанските власти, кои, исто така, се справуваа со серија напади на домашен терен. истата година имаше жртви и на концерт во Обединетото Кралство за којшто одговорноста ја презеде Исламска држава. Во 2015 година, и Франција беше цел на џихадистите кои усмртија 130 луѓе во концертна сала во Париз и во неколку кафулиња.

 

Маја Филдишев