Почна жетвата на јачменот, проблем ниската откупна цена
Почна жетвата на јачменот. Првите приноси се добри и се оценуваат како рекордни па дури во најсушниот регион од земјата, во Овчеполието. Жетварите очекуваат род од 3 до 5 тони од хектар, но проблем е ниската откупна цена од само шест денари за килограм...

Жетвата на јачменот стартуваше во овчеполскиот регион, втората по големина житница во земјава. Производителите се задоволни од собраното, приносите се рекордни од 3 до 5 тони по хектар, а исто така и квалитетот е одличен.
Сепак не изостануваат ни проблемите. Од Асоцијацијата на земјоделци, велат дека уште на самиот почеток се соочуваат со ниска откупна цена од само шест денари за килограм.
Причината е во нејзиното формирањето на берзите во регионот, односно во Бугарија и во Србија, како и од цените на свињите и побарувачката на оваа житарица во свињарските фарми каде што и најголемиот дел од производството се откупува и се користи како добиточне храна.
Моменталната продажба на свинското месо е недоволна и со многу ниска цена од 70 до 80 денари за килограм. Како помош групацијата на одгледувачи на свињи реши малку да ја ублажи сегашната состојба и донесе одлука оваа житна култура да ја откупуваат по осум денари плус ДДВ.
Но, изгледа дека на подолги патеки ова нема да донесе голем ќар. Со сегашните производствени трошоци велат дека неможат да бидат задоволни ни производителите на јачмен, ни сточарите кои го купуваат.
Методија Трајков
