Собранието по скратена постапка ќе го ратификува договорот со Грција
Собранието прифати Предлог- законот за ратификација на Договорот со Грција да го разгледува по скратена постапка и со европско знаменце. За опозицијата ова е капитулантски чин сервиран од владејачкото мнозинство и прави непоправлива штета на сите граѓани и затоа опозицијата нема да учествува во тоа...

Собранието на Македонија денеска ја утврди потребата од донесување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство. На седницата присустуваа 110 пратеници, гласаа 109, од кои 69 „за“, а 40 „против“.
Потребата од донесување на овој закон по скратена постапка пред пратениците ја образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров. Рокот за донесување е 22.06.2018 година, а Димитров нагласи дека имајќи ги предвид европските и евроатлантските перспективи на земјата повеќе од неопходно е да се донесе по скратена постапка.
Шефот на дипломатијата потсети дека Грција согласно договорот, по неговото ратификување во македонскиот Парламент има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.
По изгласувањето на потребата од донесување на овој Закон, собранискиот спикер Талат Џафери ја задолжи Комисијата за европски прашања како матично тело да го разгледа предлогот кој е поднесен со европско знаменце, како и Законодавно-правната комисија.
Откако законот ќе пристигне во Комисијата за европски прашања, таа има два дена, односно до среда на полноќ за разгледување на договорот. Откако ќе помине на Комисијата, Предлог- законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде финално ратификуван. За ратификација потребно е обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.
Негодување изразија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според пратеникот Драган Данев, договорот е едностран, претставува капитулација за државата и геноцид за македонскиот народ. Се наметнува ново име на државата и се крши Уставот, со тоа што е прифатено да се користи за внатрешна употреба. Данев побара еден час пауза, но Џафери ја продолжи седница и беше изгласан дневниот ред, а пратениците од опозицијата ја напуштија пленарната сала.
Истовремено, пред Собранието се одржуваат протести на граѓани, кои се против договор со Грција.
