Министерски состанок ЕУ- Западен Балкан за миграцијата
Во Брисел е во тек министерска конференција посветена на мигрантите на која присуствуваат и министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан. Последните податоци на УНХЦР покажуваат дека во светот лани биле регистрирани 68,5 милиони бегалци...

Министрите за внатрешни работи на шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и на Македонија, во Брисел ќе разговараат со претставници на Европската комисија и на австриското и бугарското претседателство со Унијата. Меѓу темите на разговор се и миграциските предизвици на ЕУ. Се очекува да се разгледува и предлогот за отворање кампови за бегалците во земјите од регионот на Западен Балкан.
Австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кикл во очи денешниот состанок во Брисел, испрати писмо до европскиот комесар Димитрис Аврамопулос во кое истакнува дека треба да се посвети внимание на состојбата во Западен Балкан за да не се повтори ситуацијата со бегалците од 2015 и 2016 година. Кикл побара поинтензивна политичка, стратешка и оперативна соработка во борбата против илегалната миграција и зајакнати мерки во областа на протерувањето.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека бројот на мигранти што се движат преку Балканот е во пораст и дека им е потребна основна хуманитарна помош. Комитетот соопшти дека од почетокот на годината до сега, повеќе од 5.600 мигранти влегле во Европа преку Грција и дошле до БиХ во однос на 754 колку што биле регистрирани лани. Во Црна Гора биле регистрирани 557 барања за азил, што е најголем број во изминатите пет години.
Инаку во првите пет месеци од годинава во Грција пристигнале над 19.800 мигранти, што е најголем број прифатени мигранти во една земја членка на ЕУ. Според податоците на Европската агенција за контрола на гранциите - Фронтекст, тоа e пораст за речиси 90 насто споредено со истиот период лани. Истовремено, во Италија пристигнале 13.450 мигратни, што е раст од 77 насто на годишно ниво, а во Шпанија 8.200, односно 59 проценти повеќе во однос на периодот јануари- мај 2017 година.
Марина Ристова
