САД

Трамп нареди формирање на Вселенска војска

19.06.2018 12:37

Амбициозната агенда на американскиот претседател Доналд Трамп се проширува и кон вселената. Најмоќната армија во светот добива шести огранок кој ќе го освојува просторот вон планетата Земја. Одобрение за одлуката се очекува од Конгресот. Идејата за вселенски сили датира од претходните администрации кои прогнозираат поголема ефикасност од Пентагон.

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на Пентагон да формира Вселенска војска независна од военото воздухопловство на САД. Се чека одобрение од Конгресот каде што се води жолчна расправа меѓу поддржувачите на рамноправноста на новиот огранок на војската со другите родови и оние кои инсистираат на приклучување кон воздухопловните сили. Вселенската војска би била шестиот род на армијата која веќе е поделена на копнена, водухопловна, воена морнарица, поморски корпус и крајбрежна стража.

„Во суштината на американскиот карактер е истражувањето на нови хоризонти и поместувањето на границите. Нашата судбина вон Земјата не е прашање на националниот идентитет, туку на националната безбедност. Ова е важно за нашата војска. За да ја браниме Америка, не е доволно само да сме присутни во вселената, мора да владееме со вселената“, нагласи Трамп.

Во својот говор Трамп истакна и дека Владата би сакала повторно да испрати американски астронаути на Месечината, прашање за коешто лани беше потпишана уште една наредба. Изрази подготвеност да работи и со растечката приватна вселенска индустрија. Според потпишаната директива, федералните оддели и агенции ќе работат заедно со индустријата за да се воведе најсовремена рамка за менаџирање на вселенскиот сообраќај. Лани Конгресот побара независна студија за ова прашање. Комплетирањето на документот се очекува на крајот на годинава.

Дел од Сенатот со скептицизам гледа на идејата на Трамп. Демократот Бил Нелсон од Флорида, којшто мина 6 дена во вселената, смета дека наредбата на претседателот нема поддршка од генералите коишто ќе добијат задача да ја спроведат.

Инаку, САД се потписници на Спогодбата за вселенскиот простор од 1967 година, која забранува стационирање оружје за масовно уништување во Земјината орбита, а употребата на Месечината и другите небесни тела е ограничена, ислучиво за мировни цели. Со првото слетување на Месечината во 1969 година се интензивираше вселенската трка меѓу Вашингтон и Москва. Руската федерација од порано веќе има формирано воздухопловно-вселенски сили под единствена воена команда.

 

Маја Филдишев